08.02.2014

ХАЛКБАНК Е НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН СПОНЗОР НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА

Охрид, 08.02.2014 – На прес конференцијата која се одржа во хотелот „Метропол“ во Охрид, веднаш по годишното собрание на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), беше објавено дека новиот генерален спонзор на МКФ и кошаркарската репрезентација на Македонија е ХАЛКБАНК АД Скопје.

ХАЛКБАНК ќе му ја обезбеди својата поддршка на македонскиот национален тим во наредните две години. Целта на оваа соработка е да се стимулира развојот на македонската кошарка за што поуспешен спортски настап на земјата во иднина. Преку спонзорството се очекува да се обезбедат подобри услови за работа на македонските кошаркарски репрезентативци, што ќе доведе и до подобри резултати.

Во оваа прилика, генералниот извршен директор на ХАЛКБАНК АД Скопје, г. Неџдет Палакчи го изрази своето задоволство од постигнатиот договор и изјави:

„ Денес Македонската кошаркарска репрезентација доби нов, лојален и искрен партнер кој ќе ја поддржува во сите нејзини моменти и натпревари. Среќни сме што преку оваа поддршка ќе станеме дел од нивните нови успеси и особено горди што од сега па натаму, нашето име ќе биде присутно на дресовите на кошаркарските репрезентативци “.

Претседателот на МКФ, г. Даниел Димевски, на прес конференцијата рече:

„ Особено ни значи кога сериозна и успешна компанија, во случајов една од најуспешните во Македонија, можеме да ја претставиме како дел од кошаркарскиот тим, од кошаркарското семејство. Поддршката од ХАЛКБАНК е само доказ дека и ние се движиме во вистинската насока, која во иднина заедно ќе продолжиме да ја одиме со брзи чекори напред. Верувам дека ова е почеток на една долга соработка, партнерство и пред се пријателство, кое сум сигурен дека постојано ќе се унапредува и кое ќе донесе многу нови моменти на заеднички успех и заедничка радост “.

По прес конференцијата на г. Палакчи му беше врачен и симболичен подарок – дрес со бројот 10 во знак на благодарност за соработката со МКФ.

Дирекција за односи со јавност
ХАЛКБАНК АД Скопје

Copyright 2018 HALKBANK АД Скопје. Сите права задржани.