30.07.2015

НА 8 АВГУСТ, ОХРИД ДОМАЌИН НА ТРОФЕЈОТ НА ЕУРО БАСКЕТ 2015 – Халкбанк во поддршка на настанот

Македонија е дел од турнејата на ФИБА-трофејот и Маскотата на Еуро баскет - FRENKIE

На 8 август во центарот на Охрид кошаркарските фанови, но и сите љубители на спортот и добрата забава, ќе имаат ексклузивна можност да бидат дел од овогодинешната TROPHY TOUR - турнеја на ЕУРО БАСКЕТ-трофејот.

Имено, во секоја земја-учесник на ЕУРО БАСКЕТ 2015, Националната кошаркарска федерација и партнерите на ЕУРО БАСКЕТ го презентираат Трофејот на ЕУРО БАСКЕТ 2015. Освен промоција на Европското првенство и учеството на националната селекција, со овој настан се промовира и самиот домаќин на Трофејот преку видеоклип изработен од ФИБА во кој ќе бидат претставени културно-историските знаменитости и убавини на земјата. Воедно, фановите и граѓаните ќе имаат шанса да се сликаат со Трофејот и Маскотата на ЕУРО БАСКЕТОТ – FRENKIE, како и да се дружат со кошаркарските легенди и активните репрезентативци кои ќе бидат поканети да се приклучат на настанот.



ТROPHY TOUR – турнејата на ФИБА-трофејот започна на 19 мај во Рига (Литванија) и откако ќе пропатува низ сите земји-учеснички на ЕУРО БАСКЕТ 2015, ќе заврши на 30 август во Келн (Германија). Во Македонија трофејот ќе пристигне од Варшава (Полска), а потоа ќе го испратиме кон Антверпен (Белгија).

Овој трофеј претставува вистинско златарско ремек-дело и е изработен од најфини материјали – злато и сребро во комбинација со 24 скапоцени камења, а негов автор е германскиот златар Gunter Schoebel. Трофејот тежи 18кг, висок е 23cм, со дијаметар од 35см и е поставен на мермерно подножје. Именуван е по Николаи Семашко (1907-1976) кој бил поранешен претседател на Советскиот спортски комитет и потпретседател на ФИБА од 1960-1976 година, а од 2007 година е и член на Куќата на славните на ФИБА (FIBA Hall of fame). Конкретниот трофеј со кој ќе имаат прилика да се запознаат и македонските граѓани, претставува втора верзија на трофејот кој се доделува на победникот на ЕП. Причината за тоа е што по изненадувачкиот триумф на Германија на ЕП 1993 година, тогашниот претседател на Германската кошаркарска федерација, Manfred Stroher, го убедил Бордот на директори на ФИБА дека дотогашниот – оригиналниот трофеј, повеќе не е соодветен за репрезентативните стандарди на ФИБА и дека е неопходно да се изработи нов трофеј.

Трофејот во актуелниот дизајн, како победници на ЕП досега го подигнале голем број кошаркарски легенди, меѓу кои Владе Дивац, Дејан Бодирога, Александар Ѓорѓевиќ, Грегор Фучка, Карлтон Маерс, Шарунас Јасикевичиус, Андреу Кириленко, Хуан Карлос Наваро, Пау Гасол, Тони Паркер, Борис Диао...

ЕУРО БАСКЕТ, порано нарекуван Европско кошаркарско првенство, е најзначајното натпреварување во репрезентативната кошарка во организација на ФИБА Европа. Овој настан за прв пат е организиран во 1935 година, а од 1947 година се организира на секои 2 години. Најуспешна репрезентација е поранешниот СССР, со вкупно 21 медал (14 златни), а веднаш зад нив е поранеша СФРЈ, со вкупно 17 освоени медали (8 златни). Од 2017 година, циклусот на одигрување на европските првенства повторно ќе биде на 4 години, а пласманот на ЕУРО БАСКЕТОТ ќе го одредува и учеството на Летните олимписки игри и Светското кошаркарско првенство.

Халкбанк АД Скопје, како генерален спонзор на македонската кошаркарска репрезентација е горд поддржувач на настанот во Охрид и притоа ги повикува сите да се приклучат на добрата забава и загревање на навивачката атмосфера пред самата еуфорија за Еуро баскет 2015.

 



Извори:
http://www.eurobasket2015.org/en/default.asp  
http://www.eurobasket2015.org/en/pageID_V2650rdTJx6wzruNJkItR2.compID_qMRZdYCZI6EoANOrUf9le2.season_2015.roundID_9322.html

Copyright 2018 HALKBANK АД Скопје. Сите права задржани.