ПОРАКА ОД ГЛАВНИОТ ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР

Драги акционери, ценети пријатели,

И оваа година моето обраќање е полно со гордост за постигнувањата на банката.

Кога ќе се навратиме на годината која што заврши, неминовно е да сме особено задоволни од огромните постигнувања на нашата компанија. Кога го кажувам ова не мислам само на нашата финансиска успешност, туку и на успешноста со која им обезбедивме одлична услуга на нашите клиенти, корисници и, општо, на заедницата во која припаѓаме.

2018 година беше година во која ги истакавме и нашето мото и значењето на името на нашата банка, дефинирајќи ги преку нашиот нов слоган – „Важни се луѓето“.

Луѓето се јадрото во нашето работење.

Започнувајќи од внатрешноста на нашата институција, луѓето се токму оние кои прават сè, кои го реализираат секој процес во банката, притоа трудејќи се најдобро да одговорат на потребите на луѓето, кои доаѓаат во банката како наши клиенти.

Човечкиот капитал на банката е најодговорен и најзаслужен за успесите што секојдневно ги постигнуваме.

Благодарејќи на посветеноста, напорната работа и практикувањето на одлична корпоративна култура, нашиот тим успеа да стане еден од најдобрите на пазарот во однос на понуда на услуги кои ќе успеат да ги исполнат барањата на клиентите. Јас сум особено горд што оваа година добивме информација од официјално спроведено истражување на финансискиот пазар во рамките на кое клиентите ја рангираа нашата банка меѓу оние со најдобар квалитет на услугите – создавајќи најголемо задоволство кај истите.

Нашата посветеност кон одржување на ваквите резултати ќе продолжи и во иднина.

Од друга страна, продолжуваме со одличниот напредок во однос на технологијата, иновациите, зголемување на разновидноста на услугите, како и со намалувањето на бирократијата во работењето.

Го помогнавме и бизнис секторот во државата, кој се состои од големи и мали претпријатија, исполнувајќи го она во што сме најдобри – кредитирање, инвестирање и опслужување на нашите клиенти.

Ја поддржавме и заедницата во која делуваме преку нашите програми за корпоративна одговорност. Уште еднаш потврдивме дека нашата банка е и еден од најголемите поддржувачи на спортот и на културата во земјата.

2018 година беше уште една рекордна година во однос на резултатите за нашата компанија. Халкбанк АД Скопје продолжува со својот раст, а бројките се тука за да ја потврдат таа заложба.

Економската сила на банката и нејзината позиција на пазарот беа потврдени преку докапитализација во износ од 10 милиони евра, со што нашиот вкупен капитал сега изнесува 105 милиони евра.

Нашата мрежа од филијали веќе брои 41 филијала. Во 2018 година отворивме две нови филијали, а, исто така, проширивме и реновиравме неколку од постоечките филијали. Бројот на нашите вработени сега изнесува 532 лица. Алтернативните канали ги надополнивме со 8 нови банкомати и со плус 570 ПОС-терминали. Бројот на банкомати со кој банката моментално располага е 131, додека, пак, бројот на ПОС-терминали изнесува 6.385.

Активата на банката порасна за 11,9% (од 686,6 на 768,2 милиони евра).

Во однос на кредитирањето на населението, како банка што нуди кредитни производи со најповолни услови на домашниот пазар, нашата банка успеа да го зголеми портфолиото на станбени кредити на 63,3 милиони евра, притоа постигнувајќи нето-раст од 39,4%.

Што се однесува до профитабилноста, 2018 година ја завршивме со раст од 20,5%, достигнувајќи профит од 10,6 милиони евра.

Изразувајќи го моето искрено задоволство за она што успеавме да го постигнеме на крајот од годината, сакам да го завршам ова писмо споделувајќи ја мојата најискрена благодарност до секој член од семејството на нашата Халкбанк, како и до секој од вас - наши клиенти и пријатели, кои имаме примарна должност квалитетно да ве опслужиме и големо задоволство да соработуваме.

Ви посакувам многу здравје, успех и радост во 2019 година!


Со почит,

Д-р Билал Суџубаши

Главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје


Copyright 2014 HALKBANK АД Скопје. Сите права задржани.